"EGM talks" - Елена Бубало - East Gate Mall
?>

“EGM talks” – Елена Бубало

image of the store

1.Како / Зошто реши да станеш инструкторка по фитнес?

Има неколку причини. Прво, колку и да звучи лудо, и додека студирав биохемија (потоа студирав на ДИФ), си велев дека ќе работам работа што нема да биде осум часа седење, што нема да биде со фиксно работно време и ќе ми биде хоби, односно ќе сакам да дојде време да одам на работа. Бев опседната со тоа. Следно, почнав да го живеам сонот. Пред 13 години сакав желбата за вежбање да им ја пренесувам на луѓето околу мене, тогаш и сега свеста за вежбање не се споредува, не беше лесно да натераш некој да почне да се грижи за себе. Така почна мојата едукација и денес секој час го менувам животот на блиски, на фамилијата, на непознати и познати и сум многу среќна поради тоа. Тренер не е само да вежба за себе и да даде тренинг. Тоа е многу повеќе од тоа и верувам дека луѓето веќе можат да направат разлика.

2. Што те привлекува кај фитнесот?

Фитнес е збор со посебно значење: состојба во која си физички јак и здрав. Рекреативното вежбање е алатка за поквалитетен живот. А кој не сака да има поквалитетен живот? Тренингот ме предизвикува, секој следен тренинг сакам да си докажам сама на себе дека сум подобра од вчера, но повеќе ми влијаат другите придобивки како поголема енергија, поквалитетен сон, ослободување од стрес, среќна мајка и сопруга и, на крај, помага полесно да се соочам со сите дневни предизвици.

3.Што е поважно физичката подготвеност или исхраната?

Двете се многу важни и не се нешто што се споредува.
Физички треба да бидеме подготвени за да имаме поквалитетен ден, да функционираме беспрекорно во денот, да имаме енергија за да ги извршуваме секојдневните обврски без проблем. Денес работата се сведува на седење, а со тоа се уништува телото на човекот затоа што не е создадено за тоа. Не можеме сите да ја смениме работата, но затоа сите можеме да вежбаме рекреативно барем 4-5 часа во неделата.
Храната е гориво за нашето тело. Избор е дали ќе внесуваме квалитетна храна за да имаме добра енергија во текот на денот. Пред да ја гледаме храната како нешто што нѐ дебели или слабее, мора да бидеме свесни дека, всушност, храната е исхрана за нашите клетки и треба да биде правилна за нашите органи да функционираат правилно.

Но на луѓето секогаш им е поважно да дојдат до својата посакувана форма или да ослабат. Па, во тој случај, морам да кажам дека исхраната е поважна од вежбањето. Но заедно како комбинација се пресудни за да се постигне саканиот резултат.

4.Дали препорачуваш додатоци во исхраната за подобрување на резултатите?

За рекреативно спортување доволна е само правилна исхрана. Евентуално, чистиот протеин често знае да помогне во секојдневната исхрана, но тој не е храна. Препорачувам секој да зема Омега масни киселини и витамин Де како есенцијални додатоци.
А резултатите и професионалното спортување не се тема на овој разговор . За тоа мора да има индивидуален пристап.

5.Кои три вежби би ги предложила за сите и зошто?

Нема такви!

6.Какви се твоите размислувања за органската и за веганската исхрана?

Кога би ѝ верувала на прехранбената индустрија би одбрала органска храна. Ја поддржувам и се обидувам да го користам тоа што ми одговара. Но би била сигурна само ако сама ги одгледувам намирниците. Затоа не паѓам во транс ако на нешто прочитам дека е органско.
Веганската исхрана ја почитувам како избор. Воопшто немам лошо мислење за неа. Многу пати со сопругот сме размислувале на таа тема, ама не сме донела одлука да бидеме барем вегетаријанци. Ги поддржувам сите, имам во близина многу вегани на кои се трудам да им помогнам со урамнотежена исхрана, а да го почитувам нивниот избор.

7.Кои се твоите лични фитнес-цели?

Здрава и среќна мајка и сопруга. Тренер со многу енергија, која сѐ уште ми е потребна за да го менувам животот на луѓето.
Тоа се моите цели, кои сакам фитнесот како гранка да ми помогне да ги остварам.
Голем задник. Рамен стомак. Чудни облини. Нови фитнес-трендови. Тоа не се мои фитнес-цели.

8.Кое е твоето искуство и совет за пренатална исхрана?

Едноставно. Да не се јаде за двајца!
Да се јаде урамнотежено, соодветно за секој индивидуално според потребите, со што повеќе свежа и сезонска храна, збогатена со доволна количина квалитетен протеин и масти. Нема што да се комплицира!
Не разбирам зашто таа состојба се поврзува со храна и со многу јадење.
Грижата за себе во тој период во исто време е и грижа за плодот во утробата на мајката. Па затоа тоа нека биде со многу внимавање и љубов ❤️